skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на доволен надомест во разумен временски период, во случај на претрпена физичка или морална и психолошка штета или во случај на страдање предизвикано од лекување или од услуга во здравствениот систем.
Здравствената заштита мора да гарантира надомест, без оглед на тежината  на настанатата штета или нејзината причина (од предолго чекање до медицинска грешка), дури и кога крајната одговорност не може да биде утврдена со точност“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Во  Законот  за  здравствена  заштита е  внесено  правото  на  корисникот  на здравствената заштита „…да бара надомест на штета поради сторени грешки или последици настанат по несоодветно лекување, во согласност со прописите за облигациони односи“ (член 55).

Дополнителни прописи

Законот за облигациони односи не го регулира директно прашањето за надомест на штета сторена при лекување или при услуга добиена од здравствениот систем, но содржи прописи кои детално го регулираат прашањето на надомест на штета и кои се однесуваат и на штета сторена во овие случаи. Па, така, членот 9 пропишува дека „секој е должен да се воздржи од постапка со која на друг може да му предизвика штета“, како и тоа дека „тој што со вина ќе му причини штета на друг, должен е да ја надомести“ (член 141, став 1). При тоа, Законот ја дефинира штетата како „намалување на нечиј имот (обична штета) и спречувањето на негово зголемување (испуштена корист), како и повреда на личните права (нематеријална штета)“ (член 142). „Како лични права, во смисла на овој закон, се подразбираат правата на живот, телесно и душевно здравје, чест, углед, достоинство, лично име, приватност на личниот и семејниот живот, слобода, интелектуално творештво и други лични права“ (член 9-а, став 2).

Back To Top