Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ во изминатите 17 години од своето основање во континуитет го развива и помага женското лидерство за развој и спроведување на женските човекови права и социјална правда во нашето општество. ЕСЕ во своето работење се води од својата посветеност кон решенија на проблемите. По пат на унапредување на човековите права ја подобруваме социјалната и економската правда, вклучувајќи го правото на здравје, притоа сметајќи дека претставуваат неделив збир од стандарди кои треба да ги уживаат сите. Затоа, фокусирани сме на две цели – да се излезе во пресрет на итните потреби на жените и да се влијае при креирањето на одржливи, долгорочни промени. Правиме многу повеќе од документирање и осуда на нанесените неправди врз жените во сите сфери на живеење. Работиме со жените врз кои е извршено насилство и имаат потреба од помош и поддршка. На тој начин им овозможуваме да ги остварат своите права и да ги променат условите во кои живеат. Од друга страна, ги менуваме законите и политиките кои влијаат на женските човекови права.
Преку нашето работење:
- обезбедуваме услуги и поддршка за жените и доколку е потребно за членовите на нивните семејства;
- ги застапуваме човековите права и се бориме за социјална правда;
- истражуваме, нудиме поинакви решенија за едукација на луѓето и ги инспирираме за преземање на акција;
- работиме за правична распределба на ресурсите заради одржливост на социјалните промени.
Во периодот 2010-2013 преземаме активности кои претставуваат континуитет на досегашните резултати и постигнувањата, но предвидуваат и иницирање и воведување на нови концепти и модели за спроведување на женските човекови права и човековите права, воопшто. Дел од активностите се однесуваат на мониторинг и анализа на активности поврзани со здравјето на жените, здравјето на Ромите и промовирање на концептот на човекови права во здравствена заштита.
Човековите права во здравствената заштита ги подразбираат правата признаени со меѓународните документи, кои се релевантни за обезбедување на здравствената заштита, односно остварување на правото на здравје. Всушност, тие се од непроценливо значење за обезбедување на квалитетна и соодветна здравствена заштита, согласно на највисокиот можен стандард. Неодминлив дел во остварување на правото на здравје се правата на пациентите. Под права на пациентите се подразбираат правата, одговорностите и должностите според кои бараме и примаме здравствена заштита. Но, човековите права во здравствената заштита не упатуваат само на правата на пациентите, туку на стандардите во обезбедување на заштитата кои подеднакво ги засегаат здравствените работници и општеството во целост. Заложбите за почитување на правата на пациентите е резултат на глобалното движење за повикување на одговорност на државите и здравствените работници во обезбедување пристап на квалитетна здравствена заштита.
Правото на здравствана заштита е уставно загарантирано право во нашата земја, и истото е подетално уредено со законите кои ја уредуваат оваа материја. Почитувањето на човековите права во здравствената заштита преставува прашање за кое во нашата земја поинтензивно се говори по донесувањето на Законот за заштита на правата на пациенти во 2008 година. Со Законот за заштита на правата на пациентите се уредува заштитата на правата на пациентите во користењето на здравствената заштита; правата и обврските на пациентите; правата и обврските на здравствените установи и здравствените работници и соработници, општините и фондот за здравствено осигурување во заштитата на правата на пациентите; постапката за заштита на правата на пациентите, како и надзорот над спроведувањето на законот
Оваа веб страна е дел од активностите кои во изминатите неколку години се преземени во насока на зголемување на степенот на разбирање на поимот на човекови права во здравствена заштита и користењето на правните инструменти/механизми за заштита на правото на здравје. Содржините на оваа веб страна се наменети за правници, здравствени работници и пациенти, односно има за цел да ги запознае со меѓународните и регионалните документи и механизми кои го гарантираат и штитат спроведувањето на правото на здравје; домашното законодавство и начините за заштита на правото на здравје во нашата земја; правата и обврските на здравствените работници во обезбедување на здравствената заштита; правата и обврските на пациентите во остварување на здравствената заштита и здравственото осигурување; релевантни публикации кои се однесуваат на различни здравствени прашања и пристап до здравствена заштита; институциите кои работат на полето на обезбедување на здравствена заштита, здравствено осигурување и правна заштита во нашата земја и др.
На оваа веб страна се наоѓа Прирачникот “Човекови права во здравствена заштита” кој се однесува на начините на применувањето на меѓународните и регионалните стандарди, како и домашно законодавство во насока на промовирање и што е уште побитно потполно остварување на правото на здравје.
Активностите поврзани со промовирање на човековите права во здравствената заштита и заштита на права на пациенти се поддржани од страна на Фондациите отворено општество Њујорк, Програма за јавно здравство и Фондацијата отворено општество Македонија, Програма за јавно здравство во рамки на иницијативата која вклучува повеќе држави покрај нашата (Ерменија, Грузија, Киргистан, Казахстан, Молдавија и Украина).
Покрај веб страната, во рамките на оваа иницијатива ќе се преземат низа активности во нашата земја кои ќе резултираат со:
- зголемена свесност за заштита на правото на здравје кај практичарите преку обновување на прирачникот за практичари и посебната тематска веб страница за заштита на права на пациенти;
- зајакната соработка со практичарите на полето на заштита на права на пациентите;
- зголемени можности за преземање и иницирање на случаи на заштита на правото на здравје;
- зголемена свесност за правата на пациенти кај општата популација- пациентите и особено кај одредени категории на ранливи лица, преку подготовка на брошури и објавување на општа брошура за заштита на права на пациенти;
- зголемени можности за информирање, односно запознавање на практичарите и општата јавност со новините на полето на заштита на правата на пациентите и
- утврдување на степенот на спроведување на Законот за заштита на права на пациенти и идентификување на потребни мерки за унапредување на состојбите.