Европска повелба за правата на пациентите
„Секој поединец има право на пристап до секој вид информација која има врска со неговото здравје, здравствената заштита и начинот на нејзино користење, како и сите сознанија од научните истражувања и технолошките иновации кои се на располагање.
Здравствените установи и здравствените работници треба да обезбедуваат информации според потребите/степенот на образование на пациентот, особено имајќи ги предвид верските, етничките или јазичните специфики на пациентот.
Здравствените установи имаат обврска сите информации да ги направат лесно достапни, отстранувајќи ги бирократските препреки, со едукација на здравствените работници и со подготвување и дистрибуција на информативни материјали.
Пациентот има право на директен пристап до своето клиничко досие и до медицинските податоци, да ги фотокопира, да постави прашања во врска со нивната содржина и да побара исправка на некои грешки ако евентуално постојат.
Болничкиот пациент има право на постојана и исцрпна информација; тоа може да се гарантира со т.н. тутор.
Секој поединец има право на директен пристап до информација од научно истражување, фармацевтска грижа и технолошки иновации. Оваа информација може да дојде или од јавни или од приватни извори, под услов истата да ги исполнува стандардите на точност, прецизност и на транспарентност“.
Правото како што гласи во националното законодавство
Во Законот за заштита на правата на пациентите со посебен член е уредено правото на информираност (член 7) според кој „пациентот има право, во сите фази на здравствената заштита, да биде потполно информиран за:
1) својата здравствена состојба, вклучително и за медицинската процена на резултатите и исходот од одредена медицинска интервенција;
2) препорачаните медицински интервенции, како и планираните датуми за нивно спроведување (програма за третман и за рехабилитација);
3) можните предности и ризици при спроведувањето, односно поради неспроведувањето на препорачаните медицински интервенции;
4) своето право на одлучување за препорачаните медицински интервенции;
5) можните замени за препорачаните медицински интервенции;
6) причините за евентуалните разлики на постигнатиот резултат од медицинските интервенции во однос на очекуваниот резултат;
7) текот на постапката при укажувањето на здравствената заштита;
8) препорачаниот начин на живеење и
9) правата од здравствената заштита и здравственото осигурување, како и постапката за остварување на тие права“.
Наведените информации „…мора да му се дадат на пациентот на разбирлив и соодветен начин за него, со минимизирање на техничката, односно стручната терминологија за да се добијат важните податоци за третман на пациентот“ (член 8). Ако пациентот не го разбира вообичаениот јазик на обраќање во здравствената установа, тој има право на соодветна форма на превод.
„Пациентот има право да биде информиран за имињата, стручната подготовка и специјализацијата на здравствените работници кои му укажуваат непосредно здравствена заштита, преку задолжително јавно истакнување на лиценцата за работа издадена од соодветната комора во просторијата каде што работи“ (член 10).
„Право на информација има и пациент со трајно намалена способност за расудување, во согласност со неговата физичка, ментална и психичка состојба, како и неговиот старател или законски застапник“ (член 11). Право на информација имаат и членовите на најблиското семејство на пациентот во случаи на привремена неспособност за расудување.
Со Законот за заштита на правата на пациентите е уредено и правото на одбивање прием на информација. Имено, во согласност со членот 12 од Законот „пациентот има право, со писмена и потпишана изјава, да одбие прием на информација за природата на својата здравствена состојба и очекуваниот исход на предложените или преземени медицински интервенции.“ Од правото на
информација „пациентот не може да се одрече во случаите во кои мора да биде свесен за природата на својата болест за да не го загрози здравјето на другите“ (член 13). Во тој случај, пациентот има право да определи лице на кое ќе му биде дадена информацијата, во писмена форма или на друг веродостоен начин.
Пациентот има право на информација дури и во случаи кога неговата согласност не е услов за почнување на медицинската интервенција, т.е. во итни случаи.
Во Законот за заштита на правата на пациентите, со членот 22 е уредено правото на пациентот да биде информиран за медицинското досие што се води за него и правото на увид во тоа досие (став 1).
„Пациентот има право на свој трошок во реален износ да добие извод или копија на податоци и документи од медицинското досие од ставот 1 на овој член“ (став 2).
„Пациентот има право да бара појаснување на податоците од медицинското досие што се однесуваат на него“ (став 3).
„Податоците од медицинското досие се ажурираат на начин што при внесот на нови податоци обезбедува да можат да се утврдат првично внесените податоци“ (став 4).
Правото на пациентот на пристап до досието по исклучок може да биде ограничено, одбиено или привремено суспендирано од страна на лице кое во дадениот момент е одговорно за чување на податоците содржани во досието ако е веројатно дека информацијата ќе предизвика сериозни повреди на здравјето на пациентот и ако со тоа се открива информација за трети лица, чиешто откривање не може да се оневозможи.
Пациентот има право писмено да овласти лице кое во негово име ќе ги остварува правата за време, како и по престанокот на неговиот третман и лекување (член 23, став 1).
Брачниот или вонбрачниот другар, роднина по права линија, брат или сестра ги остваруваат правата, врз основа на писмено барање, ако не можат да ги добијат податоците содржани во медицинското досие на друг начин и ако податоците се неопходни за да се идентификува причина што може да влијае врз животот или врз здравјето на барателот или да се заштитат животот и здравјето на барателот.
„Во случај на смрт на пациентот, ако тоа пациентот за време на својот живот изречно не го забранил, право на увид во медицинското досие имаат брачниот или вонбрачниот другар на пациентот, полнолетно дете, родител, полнолетен брат или сестра на пациентот, како и законскиот застапник, односно старателот на пациентот“ (член 23, став 2) и истите „имаат право на свој трошок, во реален износ да добијат извод или копија на документи од медицинското досие на пациентот“ (став 3 од истиот член).
Во Законот е содржана упатна одредба (член 24) според која за сè што не е уредено со овој закон, во однос на заштитата на личните податоци, се применуваат прописите од областа на заштитата на личните податоци.
Дополнителни прописи
Според Законот за здравствена заштита, „ако во текот на лекувањето настанат трајни последици, односно инвалидност, корисникот или неговото семејство има право да бара да се изврши проверка на стручната работа во поглед на здравствената заштита што му е укажана“ (член 54, став 1).
Во однос на правото на информација, Законот за безбедност во снабдувањето со крв се повикува на Законот за заштита на правата на пациентите, односно при трансфузија на крв и крвни компоненти се применуваат и одредбите од прописите со кои се уредува заштитата на правата на пациентите.
Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, исто така, го регулира прашањето на давањето информација на пациентот. Па така, во членот 11 е наведено дека „пред спроведување на постапката на алогенеичко БПО во која се користат донирани полови клетки или ембриони, за брачните или вонбрачнте двојки или жената од членот 9, став 3 на овој закон, задолжително е претходно правно и психолошко советување. Психологот е должен лицата од ставот 1 на
овој член да ги запознае со можните психички реакции од постапката на алогенеичко БПО. За извршениот совет психологот е должен да издаде писмена потврда. Правникот е должен лицата од ставот 1 на овој член да ги запознае со правното значење и последиците од согласноста за планираната постапка на алогенеичко БПО, како и со родителските права кои произлегуваат од медицинската постапка. За дадениот совет е должен да издаде писмена потврда. Здравствената установа во која се спроведува БПО е должна да обезбеди правно и психолошко советување, а ако тоа не е можно е должна лицата од ставот 1 на овој член да ги упати во друга здравствена установа во која се спроведува соодветно советување“.
Законот за ментално здравје во членот 21 го уредува правото на информација на пациентот: „Здравствената установа е должна да дава информации на лицето со ментална болест од членот 19 на овој закон, ако со тоа не се предизвикува нарушување на состојбата со неговото ментално здравје“.
Етички кодекси
Според членот 21 од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „пред да го почне лекувањето лекарот е должен да го извести болниот за видот на болеста, за моментната здравствена состојба и за предвидувањата за исходот на болеста. За предвидените начини на лекување тој треба да добие свесна и доброволна согласност од болниот.
Известувањето на пациентот за неговата здравствена состојба треба да биде исклучително и во најширока смисла во негова полза. Лекарот го обврзуваат особена внимателност и прецизност во објаснувањето кога применува дијагностички и терапевтски методи поврзани со ризик. При посебни психички состојби на болниот, објаснувањата не се препорачливи ако би можеле да влијаат негативно врз лекувањето. Во такви случаи е потребно да се информираат роднините на болниот. Недозволиво би било лекарот да ја одбегнува таа тешка задача и болниот да ја дознае дијагнозата од друг медицински персонал. Ако здравствената состојба на болниот не покажува надеж за оздравување или ако му се заканува смрт, лекарот е должен да го извести семејството на болниот доколку самиот не реши поинаку. Во никој случај не смее на болниот да му ја откаже натамошната нега и треба да му дава морална поддршка“.
Исто така, според членот 23 од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „лекарот е должен при приемот во болница да го извести пациентот за рутинските постапки, за начините на лекувањето и за медицинско – техничките можности со кои располага здравствената установа“.
Во согласност со Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, „фармацевтот е одговорен при издавањето лекови, со советување на пациентот, да обезбеди што е можно поадекватна употреба на лекот.
На тој начин фармацевтот – аптекар обезбедува соодветен (максимален), терапевтски ефект кон пациентот и минимум несакани ефекти“ (член 17).
Според членот 18, „фармацевтот, исто така, треба да одговори на сите прашања на пациентот што ќе му ги постави во врска со името на лекот, чувањето, како и кога треба да го зема лекот, сите несакани ефекти и интеракции со алкохол или други истовремено ординирани лекови“.
Во согласност со членот 19, „фармацевтот е должен да ги соопштува сите информации во врска со лекот на пациентот и тоа усно или писмено. Ова е неопходно и при издавање на лекот на пациентот на рецепт, а особено е значајно овие информации да се даваат кога се работи за издавање на лекови од т.н. рачна продажба кога фармацевтот – аптекар, иако експерт за лекови, треба директно, користејќи го своето знаење, да учествува при изборот на лекот и при тоа ставајќи го на прво место здравјето на пациентот, а не цената на лекот“.