skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на тајност на личните податоци вклучувајќи ги и податоците во врска со неговото здравје, можната дијагноза или лекување, како   и   право   на   заштита   на   приватноста   во   текот   на   изведувањето дијагностички испитувања, специјалистички посети и медицински / хируршки постапки воопшто.
Сите податоци и информации што се однесуваат на здравствената состојба на поединецот и на медицинските и хируршките постапки на кои тој е подложен мора да се третираат како лични и како такви да бидат соодветно заштитени.  
Личната приватност мора да се почитува дури и во текот на медицинските/хируршките процедури (дијагностички испитувања, специјалистички посети, лекови итн.) кои мора да се спроведуваат во соодветно опкружување и во присуство само на тие што безусловно мора да бидат таму (освен ако  пациентот изрично не дал согласност, односно побарал присуство на друго лице)“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Со членот 25 од Законот за заштита на правата на пациентите е регулирано „…правото на доверливост (тајност) на личните и медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци“ (став 1). Исклучок постои, односно податоците за пациентот можат да бидат откриени, само ако: „пациентот даде писмена согласност; се неопходни за медицинска интервенција на пациентот во друга установа; се неопходни за обработка пропишана со закон, од страна на здравствена установа која обезбедува здравствени услуги на пациентот; се искористат во историски, научни, истражувачки или едукативни цели, под услов идентитетот на пациентот да не може да се открие, и тоа е во согласност со друг закон со цел за заштита на животите, безбедноста или здравјето на други лица“ (став 2).

Откривањето на податоците, во согласност со Законот, може да „се врши само на начин и до степен до кој се остварува целта на откривањето на информацијата и се заштитува во најголема можна мера тајноста на податоците“ (став 3).

Лицата кои ќе дојдат до овие податоци се должни да ги чуваат „во согласност со прописите за чување на професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци“ (став 4).

„Човечките супстанции од коишто може да се идентификува пациентот мора да се чуваат во тајност, во согласност со прописите за заштита на личните податоци“ (став 5).

Во однос на приемот во болничка здравствена установа, пациентот има право да даде писмена или усна изјава за лицата на кои може да им се даде информација за неговиот прием, како и за неговата здравствена состојба, односно за лицата на кои не смее да им се даде таква информација (став 6).

За да се обезбеди соодветна заштита, личните податоци на пациентите се обработуваат во согласност со прописите од областа на заштитата на личните податоци (став 8).

Правото на приватност е уредено и со членот 28 од Законот за заштита на правата на пациентите, според кој „пациентот има право на услови што обезбедуваат приватност при медицинските интервенции, а особено при укажувањето на личната нега“ (став 1). Така, медицинска интервенција може да се примени само во присуство на лица што се неопходни за извршување на интервенцијата, освен ако пациентот се согласи или побара да биде поинаку (став 2).
„Пациентот сместен во болничка здравствена установа има право:
–   да биде сместен во одвоени простории од пациент со различен пол;
–   малолетен пациент да биде сместен одвоено од полнолетен пациент;
–   да  поседува  предмети  за  лична  употреба  за  облекување,  обезбедување  на
лична хигиена, како и за други лични и неопходни потреби во согласност со неговата здравствена состојба…“ (став 3).

Исто така, во согласност со членот 5 од истиот закон, „личноста и достоинството на секој пациент мора да се почитуваат“ (став 4), односно „пациентот има право за време на престојот во здравствената установа на лична сигурност“ (став 5).

Дополнителни прописи

Во Законот за здравствена заштита е содржана одредба (член 49) која се однесува на правото на почитување на достоинството на корисникот на здравствената заштита, обврската на здравствените работници да се придржуваат кон медицинската етика и да ја чуваат професионалната тајна. При тоа, обврската за чување на професионалната тајна е проширена и на другите работници во здравствената  организација  кои  користат  медицинска  документација  или  кои  на  кој било начин во извршувањето на своите работни задачи ќе дојдат до податоци кои се содржани во документацијата.

Со Законот за ментално здравје е уредено правото „да се почитуваат личноста, достоинството и приватноста на секое лице со ментална болест. Лицето со ментална болест има право на заштита од каква било форма на малтретирање, понижување  и  злоупотребување  и  не  смее  да  биде  дискриминирано  поради состојбата со неговото ментално здравје“ (член 7).

Со Законот е предвидена обврска „здравствената установа податоците за денот и за часот на приемот на лицето со ментална болест, идентитетот, медицинскиот упат, извештаите за состојбата со менталното здравје, планот и програмата за третман и рехабилитација, како и други документи во врска со состојбата со менталното здравје на лицето да ги евидентира, комплетира и чува на начин кој обезбедува нивна тајност и заштита во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Овие податоци, здравствената установа може да ги достави до друг лекар ако тоа е неопходно за натамошниот третман и нега на лицето со ментална болест, до службените лица во надлежниот Центар за социјална работа, како и до други надлежни државни органи, на нивно писмено барање“ (член 18).

Со Законот за безбедност во снабдувањето со крв е уредена заштитата и тај-носта на сите лични, медицински и генетички податоци за дарителот на крв содржани во медицинското досие. Податоците и документите, во согласност со Законот, претставуваат класифицирана информација и се чуваат во согласност со прописите за заштита на класифицирани информации и лични податоци (член 17).

На  пристапот  кон  медицинското  досие,  на  обезбедувањето  на  доверливост  на личните, медицинските и генетичките податоци, како и нивното откривање, установата за трансфузиска медицина е должна да ги применува прописите за заштита на правата на пациентите, за класифицирани информации и за заштита на личните податоци (член 17, став 3).

Етички кодекси

Според членот 1, алинеја 5, од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „лекарот се обврзува да ги чува тајните што ќе му бидат доверени при вршењето на професијата“.

Според членовите 55-58  од  Кодексот, „лекарот со закон е обврзан да ја чува професионалната тајна. За професионална тајна се смета сè што здравствениот работник и другите работници при вршењето на својата професија ќе разберат за болниот и за неговите лични или семејни работи. Професионалната тајна важи за писмените известувања во врска со лекувањето на болниот, за сите наоди и снимки. Лекарот е должен да ја чува професионалната тајна и од член на семејството на болниот доколку е тоа во интерес на болниот. Чувањето на професионалната тајна е должност и по смртта на болниот“ (член 55).

Според членот 56, „во случај кога болниот го ослободува лекарот од чувањето на професионалната тајна, лекарот оценува што од соопштението би можело да му наштети на болниот и неговото семејство и кои податоци ќе ги задржи во тајност“.Во согласност со членот 57, „лекарот и неговите соработници се должни и да ја почитуваат професионалната тајна и во едукативниот процес. Тие начела треба да ги пренесуваат и на слушателите кои се обврзуваат дека доследно ќе ги почитуваат“.

Според членот 58, „во научноистражувачките публикации во текот на наставата, податоците за резултатите од истражувањата и заклучоците треба да се соопштуваат така што да биде обезбедена анонимност на болниот. Јавно покажување на болниот на научни или наставни цели може да се врши само со согласност на болниот, а при тоа треба да се обезбеди професионалната тајна и неговото лично достоинство“.

Back To Top