Европска повелба за правата на пациентите
„Секој поединец има право на пристап до здравствените услуги потребни за неговото здравје. Здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита.
Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците за третманот, има право да биде ослободен од тие трошоци.
Секој поединец има право на соодветна заштита независно од тоа дали е примен на лекување во мала или во голема болница или, пак, во клиника.
Секој поединец, дури и без дозвола за престој (во одредена земја), има право на итна амбулантска или болничка интервенција.
Поединец што страда од ретки заболувања го има истото право на потребен третман и лекови како и лицата што се лекуваат од почести заболувања“.
Правото како што гласи во националното законодавство
Во Законот за заштита на правата на пациентите, во членот 3, точката 3, е уредено начелото на достапност кое се заснова на:
1) „здравствени услуги што се постојано достапни и пристапни на сите пациенти подеднакво и без дискриминација;
2) континуитет на здравствената заштита, вклучувајќи соработка помеѓу сите здравствени работници, здравствени соработници и/или здравствени установи што можат да бидат вклучени во целиот процес на третман на одредена состојба или заболување на пациентот;
3) праведна и фер постапка за избор/селекција за третман, во услови кога постои можност за избор од страна на здравствените установи на потенцијални пациенти за посебен третман кој е достапен во ограничен обем, при што изборот треба да се заснова на медицински критериуми, без дискриминација;
4) избор и промена на здравствен работник и здравствена установа, во рамки на здравствениот систем;
5) достапност на служби за домашно лекување, односно служби во заедницата каде пациентот живее; и
6) еднаква можност за заштита на правата на сите пациенти на територијата на Република Македонија“.
Според Законот за заштита на правата на пациентите, „пациентот има право на остварувањето на правата, пропишани со овој закон, без дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик, вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање, сексуална ориентација или кој и да е друг статус“ (член 5, точка 2).
Дополнителни прописи
Со Законот за здравствена заштита се уредени правата од здравствената заштита на граѓаните и системот и организацијата на здравствената заштита. Во согласност со членот 3, став 1 од истиот закон, „секој има право на заштита на здравјето“. Еднаквата достапност се обезбедува особено и преку дополнителната (кон редовната здравствена заштита финансирана преку системот за здравствено осигурување) примена на 15. буџетски финансирани програми што Владата ги донесува годишно, врз основа на Законот за здравствена заштита.
Со Законот за здравствено осигурување „се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како иначинот на спроведување на здравственото осигурување“ (член 1). Според членот 2, здравственото осигурување е востановено како задолжително со утврден пакет на здравствени услуги за сите граѓани на Република Македонија и доброволно за обезбедување здравствени услуги кои не се опфатени со пакетот на здравствените услуги. Во Законот се содржани голем број основи за осигурување (член 5) со цел да се опфатат сите граѓани со задолжително здравствено осигурување, без дискриминација заснована на финансиските ресурси, местото на живеење, видот на болеста или времето за достапност на здравствени услуги. Доколку некој од оправдани причини не воспоставил осигурување, државата обезбедува неопходни здравствени услуги преку програма за неосигурени лица.
Според овој закон, во основните здравствени услуги во примарната, специјалистичко – консултативната и болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита, меѓу другите, спаѓаат и „лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот, на кој министерот за здравство дава согласност“, како и „…помошни материјали кои служат за примена на лековите, санитетски и друг материјал потребен за лекување“ (член 9, точка а)-8), в)-2).
Во рамките на основните здравствени услуги, во делот на специјалистичко – консултативната здравствена заштита, осигурениците имаат право на „протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и заботехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност“ (член 9, став 1, точка б)-3)).
Дополнителни важни информации
Осигуреното лице го остварува правото на ортопедско помагало врз основа на потврда за потребата од ортопедско помагало што ја издава лекар – специјалист од соодветна специјалност, а која се заверува во подрачната служба на Фондот.
Врз основа на заверената потврда за потребата од ортопедско помагало, осигуреното лице го подига одобреното ортопедско помагало од ортопедска куќа која изработува, односно продава ортопедски помагала.
Доколку осигуреното лице сака да оствари натстандардно ортопедско помагало, потребно е да потпише изјава, а разликата во цената од стандардното до натстандардното помагало е на товар на осигуреникот.
Осигуреното лице може да користи санитетско возило и кога не се работи за итен случај ако се работи за повреда поради неподвижност или ограничена подвижност, при што не може да го користи превозот од јавниот сообраќај. Потребата за превоз со санитетско возило ја утврдува избраниот лекар или надлежен лекар од соодветна болничка здравствена установа.
Осигуреното лице може да користи превоз со санитетско возило и во случај кога остварува право на лекување во странство по предлог на Лекарската комисија за упатување на лекување во странство или на надлежниот лекар во болничката установа.
Според Законот за ментално здравје , „лицето со ментална болест има право на ист третман во грижата, лекувањето и рехабилитацијата како и лицата болни од други болести“ (член 8).
Зафати на човечкиот геном, во согласност со Законот за заштита на правата на пациентите, насочени „кон промена на човековиот геном може да се преземат исклучиво во превентивни, дијагностички и терапевтски цели под услов целта на промената да не е воведување или промена во геномот на наследниците на пациентот“ (член 21, точка 1). Тестовите што укажуваат на генетски болести
или служат за идентификација на пациентот, како носител на ген одговорен за болест или за откривање на генетската диспозиција или подложност на болест, можат да се вршат само со цел постигање на здравствени цели или заради научно истражување врзано за здравствени цели и со соодветно генетско советување“ (член 21, точка 2).
Законот за прекинување на бременоста, Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, Законот за условите за земање, разменување, пренесување и пресадување делови од човековото тело заради лекување, Законот за безбедност во снабдувањето со крв, исто така, имаат за цел воспоставување безбедни услови под кои се обезбедува еднаков пристап до соодветните здравствени услуги (прекинување бременост, биомедицинско потпомогнато оплодување, пресадување, обезбедување безбедна крв).
Етички кодекси
Според Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „лекарот е должен, во согласност со својата стручна оспособеност, да дава итна медицинска помош и да се грижи за натамошната нега на загрозениот човек“ (член 6), односно „лекарите се вклучени во процесот на приемот, односно во отпуштањето на болниот, во процесот на лекувањето и на
рехабилитацијата на болниот, водат сметка за нивните лични оспособености и
оспособености на болеста“ (член 14).
Кодексот на стоматолошката етика и деонтологија, во членот 7, став 1, посредно уредува дека „докторот на стоматологија е должен да направи соодветна стоматолошка услуга и при тоа е должен да го почитува човековото достоинство на пациентот”, при што пациент е секое лице, односно сите лица.
Според Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, со членот 14-19 е утврдена должноста на фармацевтот кон граѓаните/пациентите на стручна грижа и внимание, советување и соодветна комуникација и информирање на пациентот, преку што се олеснува пристапот на пациентот до квалитетна фармацевтска грижа.
Дополнителни важни информации
Сите други прописи од здравственото законодавство ги уредуваат достапноста и недискриминацијата на пациентите во здравствената заштита што претставува операционализација на уставната гаранција на достапност на здравствената заштита. Види и: Право на превенција: Дополнителни специфични закони и регулатива.
Недискриминацијата е значајно прашање во реализацијата на правата на пациентите. Иако досега во практиката во административните, граѓанските и во кривичните постапки не е поведена постапка врз основа на дискриминација, ова прашање е нужно да се разбере, а дискриминацијата
да се разбере како кршење на човековите права, односно во здравствената заштита кршење на широкото право на достапност на здравствената заштита по различни основи (возраст, пол, етничка припадност, вид на заболување или состојба, географски и финансиски можности и др.). Оттаму е важно да се нагласи дека во националното законодавство постојат антидискриминаторски клаузули преку кои се сака да се постигне целта на спречување на дискриминацијата. Иако сите тие не се постојани и помалку или повеќе се сеопфатни, се прекршуваат во практиката. Антидискриминаторски клаузули за здравственото законодавство и поврзани со него содржат:
– Уставот на РМ – „На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита“ (член 39, алинеја 1).
– Законот за здравствена заштита – „Секој има право на заштита на здравјето“ (член 3, алинеја 1).
– Законот за ментално здравје – „Дискриминација е какво било изолирање,исклучување, оддалечување или друг третман што има ефект на повреда или прекршување на еднаквоста во уживањето на правата, освен во случаите уредени со овој закон (член 4, точка 4, а во врска со членот 7-б), лицето со ментална болест има право на заштита од каков било облик на малтретирање, понижување и злоставување и не смее да биде дискриминирано поради состојбата со неговото ментално здравје“.
– Законот за безбедност и здравје при работа – „Одредбите од овој закон се применуваат во сите дејности на јавниот и приватниот сектор, за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионалните болести според прописите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување и за сите други лица кои се вклучени во работните процеси“ (член 2, точка 1).
– Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување – „Право на користење на постапка на БПО имаат полнолетни и деловно способни мажи и жени кои, покрај причините заради кои се спроведува БПО од членот 3 на овој закон, се во брак или живеат во вонбрачна заедница и кои според возраста и општата здравствена состојба се способни за родителска грижа.
Бракот или вонбрачната заедница од ставот 1 на овој член мора да постојат во моментот на спроведување на постапката на БПО. Право на користење на постапка на БПО имаат полнолетни и деловно способни жени кои не се во брак или не живеат во вонбрачна заедница…“ (член 9).
Освен овие, исто така, се важни и антидискриминаторските клаузули во кривичното законодавство и во социјалната сфера бидејќи навлегуваат и во здравствените права на пациентите (еднаквост во реализација на здравствените права во социјалната заштита и судските постапки). Од значење за соодветниот пристап во реализацијата на правата на пациентите е и Законот за еднакви можности на жените и мажите со кој „се забранува дискриминација врз основа на пол во јавниот и приватниот сектор во областите на вработувањето и трудот, образованието, социјалната сигурност, културата и спортот, согласно со овој или друг закон“ (член 3).