skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на дијагностички или терапевтски програми кои се максимално приспособени на неговите специфични потреби.
Здравствената заштита мора да гарантира приспособливи програми ориентирани колку што е можно повеќе кон поединецот внимавајќи при тоа критериумот на економска одржливост да не преовладее над правото на здравствена грижа“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Во Законот за заштита на правата на пациентите во членот 5, став 3 е регулирано правото на пациентот на „грижа, лекување и рехабилитација што се во согласност со неговите поединечни потреби и способности и што ја унапредуваат состојбата со неговото здравје, со цел да го достигне највисокото можно лично ниво на здравје, во согласност со достапните методи и можности на медицината,  како  и  прописите  од  областа  на  здравствената  заштита  и  здравственото  осигурување“.

Овој закон правото на персонализиран третман го заштитува и преку одредбите за обезбедување приватност. Имено, во членот 28 (став 1 и став 2) е пропишано дека „пациентот има право на услови што обезбедуваат приватност при медицинските интервенции, а особено при укажувањето на личната нега. Медицинска интервенција или укажување на лична нега може да се примени само во присуство на оние лица кои се неопходни за извршување на интервенцијата, односно укажување на негата, освен ако пациентот се согласи да биде поинаку“. Законот за заштита на правата на пациентите воопшто го уредува  персонализираниот пристап кон секој пациент, посебно во реализацијата на неговите права, преку најголемиот дел од одредбите.

Дополнителни прописи

Според  Законот за ментално здравје,  „секое лице со ментална болест има право на грижа, лекување и рехабилитација што во најголем степен се во согласност со неговите поединечни потреби и способности и што ја унапредуваат состојбата со неговото ментално здравје, со цел да се оспособи за вклучување во заедницата“ (член 9).

Според истиот закон, по приемот и распоредувањето на лицето со ментална болест, здравствената установа определува стручен тим за третман и рехабилитација на лицето со ментална болест и донесува програма за третман, со цел да се подобри здравствениот статус на лицето со ментална болест најмалку до мера за лицето да се оспособи за нега и третман во заедницата. Во програмата задолжително треба да се предвидат контролни прегледи најмалку на период од еден месец заради утврдување на состојбата со менталното здравје на лицето. Стручниот тим е должен да подготви поединечна програма за третман и за рехабилитација во писмена форма за лицето со ментална болест (член 23).

Етички кодекси

Во Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, персонализираното лекување е уредено со членот 14 и со членот 26, „ле-

карите се вклучени во процесот на прием, односно во отпуштањето на болниот, во процесот на лекувањето и на рехабилитацијата на болниот, водат сметка за нивните лични оспособености и оспособености на болеста. Кон нив треба да имаат разбирање и во најтешки случаи да влијаат смирувачки“ (член 14).

„Лекарот, исто така, се залага за заштита на децата на кои треба да им се обезбеди посебен третман, воспитување и грижа, пред сè ако се физички или ментално хендикепирани или неразвиени. Лекарот го третира детето во рамките на неговото семејство (мајката). Лекарот дополнително треба да се залага за болното дете ако има впечаток дека семејството на детето не ја сфаќа болеста или дека не соработува во лекувањето. Лекарот нема да се согласи со отпуштање на малолетно болно дете или на болен под старателство кога, според негова процена, со отпуштањето сериозно би било загрозено здравјето на болниот или на другите. За отпуштањето решава лекарот кој го лекува пациентот“ (член 26).

Back To Top