skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право максимално да ги избегне непотребното страдање и болка во секоја фаза од неговата болест.
Здравствениот систем мора да се посвети на преземање на сите мерки за остварување  на  ова  право,  како,  на  пример,  обезбедување  палијативна нега и олеснување на пристапот на пациентите до овие мерки“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Во Законот за заштита на правата на пациентите е уредено начелото на хуманост, кое, покрај другото, се заснова на „хумани (човечки) релации меѓу пациентот, здравствениот работник и здравствениот соработник“ (член 3, став 2, точка 5); право на искажување на болка и на ослободување од непотребна болка, во согласност со тековното знаење во медицината и хумана здравствена заштита на терминално болни“ (член 3, став 2, точка 6).

Дополнителни прописи

Со  Законот  за  ментално  здравје  изречно  се  забранува:  „а)  секој  облик  на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување;  б) вршење  на клинички или експериментални истражувања на лице со ментална болест; в) стерилизација на лице со ментална болест.
Се забранува преземање медицински и хируршки зафати, како и електроконвулзивна терапија, без согласност на лицето со ментална болест или неговиот законски застапник, освен во случај кога таквите зафати и терапии се неопходни за да се спречи смрт или влошување на здравствената состојба на лицето со ментална болест“ (член 20).

Етички кодекси

Членот  20  од  Кодексот  на  медицинската  деонтологија  на  Лекарската  комора на Македонија утврдува дека „болниот оправдано очекува од лекарот да му  биде  наклонет,  да  го  разбира  и  да  има  трпение  кон  него.  Ефикасноста  на лекувањето во голема мера зависи од довербата на болниот во лекарот и од начинот на лекувањето. Постапките на лекарот треба да се базираат исклучително врз мерките кои му ги олеснуваат маките на болниот и му го враќаат здравјето.
Тој однос не смее да биде условен со користољубивост, задоволување на лични амбиции или со намера лекарот да се здобие со какви и да е лична корист. Лекарот не смее да го злоупотребува влијанието кое го има врз болниот“.

Back To Top