skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Европска повелба за правата на пациентите

„Секој поединец има право на навремено лекување. Ова право се однесува на секоја фаза од лекувањето.
Здравствената заштита има обврска да го одреди времето на чекање, во рамките на кое ќе бидат дадени одредени услуги, врз основа на специфични стандарди и во зависност од степенот на итност на случајот.
Здравствената заштита на секој поединец мора да му гарантира пристап до услугите овозможувајќи најкратко време на чекање во случај кога постојат листи за чекање за одредена услуга.  
Секој поединец што ќе изрази желба, има право да ги консултира листите на чекање, во рамките на тоа што го дозволува заштитата на приватноста на другите.  
Таму каде што здравствениот систем не е во можност да ги испорача здравствените услуги во рамките на предвиденото максимално време на чекање, мора да ја гарантира можноста за барање алтернативни услуги со споредлив квалитет, а трошоците наметнати на пациентот мора да се надоместат во разумно време.
Лекарите мора да одвојат соодветно време за нивните пациенти вклучувајќи го и времето потребно за давање информации“.

Правото како што гласи во националното законодавство

Правото на навремено лекување произлегува од правото на квалитетна и континуирана здравствена заштита на пациентот. Автоматски, доколку пациентот не се лекува навреме, тоа само по себе значи дека ефектите од лекувањето нема да бидат како тие заради кои е почнато лекувањето. Ова право е поврзано со правото на пристап до здравствена заштита, како услов за лекување, па и навремено лекување.

Законот за здравствена заштита  пропишува дека „здравствената заштита ја сочинуваат мерките, активностите и постапките за зачувување и унапредување на здравјето и животната и работната средина, правата и обврските што се остваруваат во здравственото осигурување, како и мерките, активностите и постапките кои ги преземаат организациите од областа на здравството за зачувување и унапредување на здравјето на луѓето, спречување и сузбивање на заболувањата, повредите и другите нарушувања на здравјето, раното откривање на заболувањатаи состојбите на здравјето, навремено и ефикасно лекување и рехабилитација со примена на стручно – медицински мерки, активности и постапки“ (член 2).
Ова право е уредено и со Законот за заштита на правата на пациентите. „Со заштитата на правата на пациентот се обезбедува квалитетна и  континуирана здравствена заштита во согласност со тековните достигнувања во здравството и медицината…“ (член 2). Овој закон, во начелото на достапност јасно определува здравствени услуги што постојано се достапни и пристапни на сите пациенти подеднакво и без дискриминација; дека мора да постои континуитет на здравствената  заштита  вклучувајќи  соработка  меѓу  сите  здравствени работници,  здравствени соработници и/или здравствени установи што може да бидат вклучени во целиот процес на третман на одредена состојба или заболување на пациентот; дека мора да се обезбеди  праведна и фер постапка за избор за третман, во услови кога постои можност за избор од страна на здравствените установи на потенцијални пациенти за посебен третман кој е достапен во ограничен обем, при што изборот треба да се заснова на медицински критериуми, без дискриминација (кај листите на чекање), како и тоа дека мора да се воспостави достапност на служби за домашно лекување, односно служби во заедницата каде што живее пациентот (член 3, став 3).

„Пациентот има право на грижа, лекување и рехабилитација што се во согласност  со  неговите  поединечни  потреби  и  способности  и  што  ја  унапредуваат состојбата со неговото здравје, со цел да го достигне највисокото можно лично ниво на здравје, во согласност со достапните методи и можности на медицината, а во согласност со прописите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување“ (член 5, став 3).
„Здравствената установа е должна, по приемот и распоредувањето на пациентот, да спроведе процедура на дијагностика, третман и рехабилитација на пациентот; за спроведената процедура да води писмена белешка. Програмата за третман од ставот 2 на овој член има цел да се подобри здравствениот статус на пациентот, најмалку до мера пациентот да се оспособи за нега и третман во заедницата во која живее. Во програмата задолжително треба да се предвидат контролни прегледи заради тековно утврдување на состојбата со здравјето на пациентот“ (член 35).

Дополнителни прописи

Види: Право на пристап до здравствена заштита.

Етички кодекси

Во однос на времето на лекување на пациентот (навременост на медицинските интервенции), иако истото не е директно регулирано во етичките кодекси, практичниот аспект на проблемот не е во спротивност со именуваното право.

Back To Top