Обврската како што гласи во националното законодавство
Во согласност со Законот за заштита на правата на пациентите, здравствениот работник е обврзан да „обезбеди доверливост на податоците што се однесуваат на здравствениот статус на пациентот, медицинската, односно клиничка состојба, дијагнозата, прогнозата и третманот, како и сите други информации од лична природа, дури и по неговата смрт, во согласност со прописите за чување професионална и деловна тајна, како и за заштита на личните податоци“ (член 38, точка 7).
Со Законот за заштита на правата на пациентите е регулирана обврската за доверливост (тајност) на личните и на медицинските податоци, кои мора да се чуваат во тајност и по смртта на пациентот, во согласност со прописите за заштита на личните податоци (член 25). Исклучок постои, односно податоците за пациентот може да бидат откриени само во одредени случаи (види Поглавје 6, Право на приватност и доверливост).
Дополнителни прописи
Во Законот за здравствена заштита е содржана само една одредба која се однесува на обврската на здравствените работници да се придржуваат на медицинската етика и да ја чуваат професионалната тајна. При тоа обврската за чување на професионалната тајна е проширена и на другите работници во здравствената организација кои користат медицинска документација или кои на кој било начин во извршувањето на своите работни задачи ќе дојдат до податоци што се содржани во документацијата (член 49).
Во согласност со Законот за прекинување на бременоста, здравствениот работник има должност за чување службена тајна и почитување на достоинството на бремената жена (член 4).
Според Законот за безбедност во снабдувањето со крв, установата за трансфузиска медицина „чувањето, ракувањето, архивирањето и уништувањето на документацијата го врши на начин што обезбедува доверливост и тајност на податоците, а во согласност со прописите за заштита на личните податоци и заштита на правата на пациентите“ (член 32, став 2).
Во согласност со истиот закон, обврска на установата за трансфузиска медицина и на здравствената установа која врши клиничка употреба на крв и крвни компоненти е да обезбедат мерки за заштита и обезбедување на сите податоци до кои дошле при вршењето на својата дејност со кои може да се оневозможи откривање на идентитетот на дарителите на крв и примателите на крв и крвни компоненти во процесот на следење на крвта и крвните компоненти; неовластено менување или бришење документи и податоци за дарителите на крв; и неовластено давање информации од каков било вид во врска со дарителите на крв и примателите, како и други информации и документи од вршењето на дејноста; на разлики или неточности во податоците што ги поседуваат и чуваат (член 38).
Во согласност со Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, „овластените здравствени установи се должни да обезбедат заштита на сите лични, медицински и генетски податоци за донаторот и примателот и да преземат неопходни мерки за да не се открие идентитетот на примателот и на донаторот и неговото семејство и обратно.
Податоците и документите претставуваат класифицирана информација и се чуваат во согласност со прописите за заштита на класифицирани информации и заштита на личните податоци.
На пристапот кон податоците, на обезбедувањето доверливост на личните, медицинските и генетските податоци, како и нивното откривање, овластените здравствени установи се должни да ги применуваат одредбите од овој закон и прописите за заштита на правата на пациентите, за класифицирани информации и за заштита на личните податоци“ (член 17).
„Сите лица што учествуваат во спроведувањето на постапката на БПО се должни да ги чуваат како класифицирана информација сите податоци поврзани со постапката, особено личните и податоците за здравствената состојба на жената и мажот на кои им се дава медицинска помош, детето кое е зачнато во постапката и донаторите на полови клетки и ембриони“ (член 46).
„Овластената здравствена установа е должна да обезбеди заштита на сите лични, медицински и генетички податоци за донаторите и лицата содржани во документацијата и евиденцијата“ (член 50, став 1), и „чување на податоците и документите за секоја донација и за секој продукт добиен од донацијата за донаторите, сперматозоидите, јајцеклетките и ембрионите за да се обезбеди следливост во сите фази на постапување“ (член 51, став 1).
„Овластените здравствени установи, заради заштита на податоците, се должни да обезбедат неопходни мерки за заштита на податоците, како и заштита од какво било неовластено објавување, доставување или менување на досието на донаторот или пренос на информации, да воспостават процедури за решавање на неусогласеноста на податоците и да не дозволат неовластено откривање на информациите за време на гарантирањето на следливоста на донациите“ (член 52).
Законот за заштита на личните податоци има посветено посебно поглавје (V. Тајност и заштита на обработката на личните податоци) кое се однесува на заштитата на личните податоци, а со тоа и на самата доверливост и тајност на податоците. Па така, според овој закон, „секое лице кое има пристап до збирка лични податоци во име на контролорот или обработувачот на збирката лични податоци, вклучувајќи го и самиот обработувач на збирката на лични податоци, е должно да обезбеди тајност, заштита на личните податоци и да ги обработува истите во согласност со овластувањата и инструкциите добиени од контролорот, доколку со друг закон не е уредено поинаку“ (член 23).
„За да обезбеди тајност и заштита на обработката на личните податоци на субјектот, контролорот мора да примени соодветни технички и организациски мерки кои одговараат на опремата и на трошоците што се потребни за нивно спроведување…“ (член 24, став 1, алинеи 1, 2, 3 и 4).
Етички кодекси
Според членот 1 од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, меѓу другото, лекарот се обврзува да ги чува тајните што ќе му бидат доверени при вршењето на професијата.
Според членовите 5558 од Кодексот на медицинската деонтологија на Лекарската комора на Македонија, „лекарот со закон е обврзан да ја чува професионалната тајна. За професионална тајна се смета сè што здравствениот работник и другите работници при вршењето на својата професија ќе разберат за болниот и за неговите лични или семејни работи. Професионалната тајна важи за писмените известувања во врска со лекувањето на болниот, за сите наоди и снимки. Лекарот е должен да ја чува професионалната тајна и од членот на семејството на болниот, доколку е тоа во интерес на болниот. Чувањето на професионалната тајна е должност и по смртта на болниот“ (член 55).
Според членот 56, „во случај кога болниот го ослободува лекарот од чувањето професионална тајна, лекарот оценува што од соопштението би можело да му наштети на болниот и неговото семејство и кои податоци ќе ги задржи во тајност“.
Во согласност со членот 57, „лекарот и неговите соработници се должни да ја почитуваат професионалната тајна и во едукативниот процес. Тие начела треба да ги пренесуваат и на слушателите кои се обврзуваат дека доследно ќе ги почитуваат“.
Според членот 58, „во научноистражувачките публикации во текот на наставата, податоците за резултатите од истражувањата и заклучоците треба да се соопштуваат така што да биде обезбедена анонимност на болниот. Јавно покажување на болниот на научни или наставни цели може да се врши само со согласност на болниот, а при тоа треба да се обезбедат професионалната тајна и неговото лично достоинство“.
Во согласност со Кодексот на професионални етички должности и права на фармацевтите на Македонија, „фармацевтот ја почитува доверливоста и личната природа на стручните документи. Какви било податоци за болниот, кои фармацевтот ги добива при вршењето на својот позив, се сметаат за доверливи и се чуваат како професионална тајна. Исклучок се само примерите каде што тоа го бара интересот на болниот или законот“ (член 37).
Закон за заштита на правата на пациентите
Закон за здравствена заштита
Закон за прекинување на бременоста
Закон за безбедност во снабдување со крв
Закон за биомедицинско потпомогнато оплодување
Закон за заштита на личните податоци