skip to Main Content
+389 (0) 2 3298 295 healthrights@esem.org.mk

Кампања за превенција на ракот на кожа – Меланом

Извор: Институт за јавно здравје на Р. Македонија – 08.05.2018

Што е меланом?

Меланомот е најсериозниот, најмалигниот карцином на кожата и слузниците. Се шири многу брзо по лимфен и крвен пат во другите делови на телото и тогаш неговото лекување е потешко, a исходот може да биде и фатален. Може да се најде и на други локализации.

Меланомот потекнува од меланоцитите, клетки кои го создаваат меланинот, пигмент кој ја дава бојата на кожата, косата и очите. Во кожата, меланоцитите се сместени помеѓу базалните клетки, на базалната мембрана, произведувајќи го заштитниот меланин. Најчесто, по боја, меланомите се кафени или црни, но понекогаш може да бидат со боја на кожата, црвена, розевкаста, сина или бела.

Меланомите најчесто настануваат од веќе постоечки младежи, а помалку директно од кожата. Ризик за настанување на меланомот постои и кај таканаречените обични младежи ако повеќе пати се трауматизирани односно ако се на локализација на која постојано се изложени на триење (каифчиња на градник, копче, каиш, раб на алишта, за време на бричење итн.) Се разликуваат четири подтипа на меланом: меланом со површинско ширење, со нодуларно ширење, lentigo maligna и акрален лентигинозен меланом.

Меланомот може да се појави на сите делови на телото, како на деловите кои се константно изложени на сонце, така и на деловите кои се заштитени со облека. Кај мажите меланомот се појавува најчесто на трупот, додека кај жените, најчесто се јавува на грбот и на нозете. Подтипот на малигнитетот може да влијае каде туморот ќе се развива; lentigo меланомот е почест на лицето, додека акралниот лентигинозен меланом е почест на дланките, стапалата или на ноктите.

Застапеност на меланомот

Бројот на заболени од меланом е во постојан пораст и е еден од туморите со најголема експанзија во последно време. Годишното зголемување на бројот на заболени е за 4-5%, што значи дека бројот на заболени се удвостручува секои 10-15 години.

Во Европа годишно заболуваат околу 14 лица на 100 000 население. Меланомот во последните пет години е на листата на најчести малигни заболувања. Во Европа жените заболуваат од меланом почесто од мажите, додека во САД и мажите и жените заболуваат подеднакво. Бројни студии покажуваат дека жените заболени од меланом имаат подобра стапка на преживување од мажите. Причината за тоа најверојатно е што жените посветуваат поголемо внимание на својот изглед, порано ги забележуваат промените на кожата и порано се јавуваат на лекар. Од ова може да се заклучи дека клучен фактор за добра прогноза е рано откривање на меланомот. Меланомот најчесто настанува во педесетите години од животот освен lentigo maligna меланомот – тип на меланом кој воглавно се јавува во седмата деценија од животот, најчесто на кожа која долготрајно е изложена на сонце (лице, раце). Меланомот во последните години сѐ почесто се појавува кај помладата популација на возраст меѓу 25 и 44 години, многу ретко во пубертет.

Меланомот воглавно се појавува кај белата раса, додека кај црната и жолтата раса е доста редок. Најмногу е распространет во Австралија и земјите со големо ниво на сончево зрачење.

Заболените од меланом имаат поголем ризик од развој на друг примарен меланом во однос на останатите луѓе од популацијата. Исто така, лицата кои претходно имале некој друг малиген тумор на кожата имаат поголема можност за развој на меланом.

Во Р.Македонија во 2016 година од меланом умреле 59 лица со стапка од 2.8 на 100 000 жители, од кои 38 се мажи, а 21 се жени. Стапката на умрени мажи изнесува 3.7 на 100 000 мажи, а стапката на умрени жени 2.0 на 100 000 жени.

Сончево зрачење

Иако постојат бројни фактори на ризик, ракот на кожата е обично предизвикан од УВ зрачење од сонцето. Прекумерна изложеност на ова зрачење е најчеста причина за сите форми на рак на кожата.

Два главни вида на УВ зрачење на кои сме изложени навлегуваа во кожата на различни длабочини. Прекумерното изложување на сончевите зраци ќе почнат да ја оштетуваат ДНК и ткивото. Во најдобар случај, ова предизвикува предвремено стареење и брчки. Во најлош случај, ова доведува до трајно оштетување на кожата и, на крајот, до рак на кожата.

Ограничената изложеност на сонце е корисна за сите. УВ-Б зраците стимулираат производството на витамин Д3, што е важно за добро здравје, правилен раст и цврсти коски. Сепак, само мала доза на сонце секојдневно е сѐ што е потребно.

Додека, од една страна сонцето прави да се чувствуваме добро (оттука и популарноста на сончањето), од друга страна штетата што сонцето ја прави на кожата и телото ги надминува краткотрајните бенефити како што е доброто расположение.

Оштетувањето на кожата од сонцето е трајна. Додека изгорениците може да исчезнат, главните промени на кожата остануваат. Секој нареден период на продолжена изложеност прави повеќе штета на веќе ослабениот локален имун систем и генетски материјал на кожата.

Постојат три главни видови на УВ зраци од сонцето. Најопасните УВ-Ц зраци комплетно се апсорбираат од страна на озонската обвивка. Останатите два вида, УВ-А и УВ-Б, имаат различен ефект врз човечкото тело.

УВ индекс

УВ-индексот е меѓународна, научнa мерка за нивото на ултравиолетово зрачење од сонцето. Таа се користи за да се опише силата на сонцето на одредено место и време. Индексот има опсег од 1 до 11 – Колку е повисоко нивото, толку е поголем ризикот од оштетување на кожата.

Извор: World Health Organisation

Кој е во опасност?

Фактори на ризик за појава на меланомот:

– прекумерно (неконтролирано) изложување на сончево зрачење (професија или хоби)

– пигментираност на кожата, односно лица со светла кожа

– возрасни над 50 години

– лица со над 50 бемки

– меланом во фамилијата

– личен податок за меланом

– изгоретини од сонце

– интензивно сончање во краток временски период (на одмор), или „викенд“ сончање

– користење на солариум

– зрачна терапија

– ослабен имунитет од хемотерапија, по трансплантација на органи, кај ХИВ/СИДА болни.

 

Како да се препознае опасноста и на кои знаци треба да внимавате?

Ризикот од развој на карцином на кожа е често поврзан со нашите гени. Сите индивидуи кои знаат за случаи на заболени од карцином на кожа во своето семејство и имаат тип на кожа која носи поголем ризик за развој на истиот треба да превземат мерки на претпазливост и еднаш годишно да одат на преглед кај дерматолог. Меланомот често не се препознава на прв поглед бидејќи тешко се разликува од обичните бемки или други бенигни тумори.

За поставување рана дијагноза на меланом се користи правилото А-B-C-D-E. Промената е сомнителна ако е асиметрична (А), нема јасни граници (B) , ако се менува бојата (C), и ако пречникот е поголем од 6 мм (D). Еволуција (Е), (исто така – елевација) како што се промена на боја, големина, облик, површина, елевација и симптоми како што се јадеж или крварење се главни знаци за малигнитет. Исто така, појава на нови промени на здрава кожа кај индивидуи постари од 40 години се сметаат за сомнителни и во тој случај треба да се консултира дерматолог.

 

Корисни совети кои помагаат во превенција од штетното дејство на сончевите зраци

Користењето на заштитни средства не ги вклучуваат основните мерки на заштита кои треба да се преземат при изложување на сонце:

Прекумерното изложување на сонце е опасно. Засолнете се под сенка. Избегнувајте изложување на сонце во период кога сонцето е најјако.
Бебињата и малите деца не ги изложувајте директно на сонце.
Заштитете се себе, бебињата и малите деца со шешир, наочари за сонце и маица.
Изберете заштитен фактор соодветен за Вашиот фенотип на кожа, а според Вашиот тип на кожа изберете најдобра подлога (крема, флуид, гел, спреј). Нанесувајте го богато најмалку половина час пред изложување на сонце и повторувајте го нанесувањето посебно после капење, потење и бришење со крпа.

Подготвил:

Сектор за промоција, анализа и следење на незаразни https://healthrights.mk/

Back To Top