Кривична постапка

Печати

 

Правилата со кои се обезбедува никој невин да не биде осуден, а на виновникот да му се изрече кривична санкција под условите што ги предвидува Кривичниот законик(15) и врз основа на законито спроведената постапка се уредени со Законот за кривичната постапка(16).

Кривичната постапка претставува збир на дејства што се преземаат со цел наоѓање на сторителот на кривичното дело, собирање докази, негово обвинување и дејствата на одбраната до донесувањето конечна пресуда и извршувањето на санкцијата.

Судовите во кривичните предмети судат во границите на својата стварна надлежност определена со закон.

Меснонадлежен, по правило, е судот на чиешто подрачје е извршено кривично дело или обид за кривично дело. Приватна тужба може да се поднесе и до судот на чиешто подрачје обвинетиот има живеалиште или престојувалиште.

Текот на кривичната постапка детално е даден во Законот за кривичната постапка(17).

Остварувањето на правото на жалба се врши во последната фаза на кривичната постапка - постапката по правни лекови.

За пресудата донесена во прв степен овластените лица може да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на преписот на пресудата. Навремено изјавената жалба од овластеното лице го одложува извршувањето на пресудата.

Законот ја определува содржината на жалбата, како и основите поради кои може да се побива пресудата и тоа:

1) поради суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка;

2) поради повреда на Кривичниот законик;

3) поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба;

4) поради одлука за кривичните санкции, за одземање имотна корист, за трошоците за  кривичната постапка, за имотно-правните барања, како и поради одлука за објавување на пресудата преку печатот, радиото или телевизијата.

Жалбата се поднесува до судот што ја изрекол првостепената пресуда во доволен број примероци за судот, како и за противната странка и за бранителот заради давање одговор. Ненавремената и недозволената жалба ќе ја отфрли со решение претседателот на советот на првостепениот суд.

Еден примерок од жалбата првостепениот суд ќе достави до противната странка, која во рок од осум дена од денот на приемот на жалбата може да поднесе до судот одговор на жалба. Жалбата и одговорот на жалбата со сите списи, првостепениот суд ќе ги достави до второстепениот суд.

Второстепениот суд донесува одлука на седница на советот или врз основа на одржан претрес. Дали ќе одржи претрес одлучува второстепениот суд на седница на советот.

Второстепениот суд ја испитува пресудата во овој дел во кој се побива со жалбата, но секогаш по службена должност мора да испита определени суштествени повреди на Законот за кривичната постапка и ако на штета на обвинетиот е повреден Кривичниот законик(18).

Второстепениот суд за жалба може да одлучи на следниве начини:

(1) да ја отфрли жалбата како ненавремена или како недозволена;

(2) да ја одбие жалбата како неоснована и да ја потврди пресудата на судот од прв степен;

(3) да ја укине првостепената пресуда и предметот да го упати до првостепениот суд на повторно судење и одлука;

(4) да ја преиначи првостепената пресуда.

Жалба за пресудата на второстепениот суд е дозволена до судот што одлучува во

трет степен само во следниве случаи:

1) ако второстепениот суд изрекол казна затвор доживотно или ако ја потврдил пресудата на првостепениот суд со која е изречена таква казна;

2) ако второстепениот суд врз основа на одржаниот претрес ја утврдил фактичката состојба поинаку отколку првостепениот суд и врз така утврдената фактичка состојба ја засновал својата пресуда и

3) ако второстепениот суд ја преиначил пресудата на првостепениот суд со која обвинетиот е ослободен од обвинението и изрекол пресуда со која обвинетиот се огласува за виновен.

За жалбата за второстепената пресуда решава судот од трет степен на седница на советот, во согласност со одредбите што важат за постапката во втор степен. Пред овој суд не може да се одржи претрес.

По завршувањето на жалбената постапка, пресудата станува правосилна. На неа може да се изјават само вонредни правни лекови.

Повторување на кривичната постапка

Кривичната постапка што е довршена со правосилно решение или со правосилна пресуда на барање од овластеното лице може да се повтори само во случаи и под услови предвидени со Законот за кривичната постапка(19).

Така, кривичната постапка завршена со правосилна пресуда може да се повтори во корист на осудениот ако:

1) се докаже дека пресудата е заснована врз лажна исправа или врз лажен исказ на сведокот, вештакот или на толкувачот; се  докаже  дека  до  пресудата  дошло  поради  кривично  дело  на  судијата,  на судијата-поротник или на лице што ги вршело истражните дејства;

3) пресудата со која се одбива обвинението е донесена поради откажување на јавниот обвинител од обвинението, а се докаже дека до тоа откажување дошло поради кривично дело злоупотреба на службената положба на јавниот обвинител;

4) се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што самите за себе или во врска со поранешните докази се подобни да причинат ослободување на лицето што било осудено или негова осуда по поблаг кривичен закон;

5) на некое лице за исто дело повеќе пати му е судено или ако повеќе лица се осудени поради исто дело што можело да го стори само едно лице или некои од нив;

6) во случај на осуда за продолжено кривично дело или за друго кривично дело што според Законот опфаќа повеќе истовидни или повеќе разновидни дејства се изнесат нови факти или се поднесат нови докази што укажуваат дека осудениот не го сторил дејството што е опфатено со делото од осудата, а постоењето на овие факти би било од суштествено влијание врз одмерување на казната и

7) со одлука на Европскиот суд за човекови права е утврдена повреда на човековите права и слободи.

Барање  за  повторување  на  кривичната  постапка  може  да  поднесат  странките и бранителот, а по смртта на осудениот барање може да поднесе јавниот обвинител ако постапката се водела по негово барање, или неговиот брачен, односно вонбрачен другар, роднина по крв во права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител. Барање за повторување на кривичната постапка може да се поднесе и откако осудениот ја издржал казната и без оглед на застареноста, амнестијата или помилувањето.

Вонредно ублажување на казната

Ублажување на правосилно изречената казна е дозволено кога по правосилноста на пресудата ќе се јават околности што ги немало кога се изрекувала пресудата или судот за нив не знаел иако постоеле, а тие очигледно би довеле до поблага осуда.

Барање за вонредно ублажување на казната може да поднесат јавниот обвинител ако постапката се водела по негово барање, осудениот и неговиот бранител, како  и  неговиот  брачен,  односно  вонбрачен  другар,  роднина  по  крв  во  права линија, посвоител, посвоеник, брат, сестра и хранител.

Барање за заштита на законитоста

За правосилни судски одлуки и за судската постапка што им претходела на тие правосилни одлуки, јавниот обвинител на Република Македонија може да подигне барање за заштита на законитоста ако е повреден закон или меѓународен договор, ратификуван во согласност со Уставот на Република Македонија(20).

Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда

Лицето што правосилно е осудено на казна затвор или малолетнички затвор може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на законот.

Барање за вонредно преиспитување правосилна пресуда се поднесува во рок од 30 дена од денот кога обвинетиот ја примил правосилната пресуда.

Осудениот што не користел редовен правен лек за пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, освен ако со пресудата на второстепениот суд, наместо ослободување од казна, судска опомена, условна осуда или парична казна, е изречена казна затвор, односно, наместо воспитна мерка, казна малолетнички затвор. Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда не може да се поднесе за пресуда на Врховниот суд на Република Македонија.

Барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда може да поднесат осудениот и бранителот, а причините и условите под кои тоа може да се побара се утврдени во Законот за кривичната постапка(21).

Законот за кривичната постапка(22) ги регулира и постапувањата за донесување пресуда без главен претрес (скратена постапка), изрекување алтернативни мерки и постапка кон правни лица. Постапката кон малолетниците е уредена со Законот за малолетничка правда(23).



15 Службен весник на РМ бр. 37/96, 80/99, 4/02, 43/03, 19/04, 60/06, 73/06, 7/08, 139/08, 114/09

16 Службен весник на РМ бр. 15/97, 44/02, 74/04 и 83/08, 67/09

17  Службен весник на РМ бр. 15/97, 44/02, 74/04 и 83/08, 67/09

18 Службен весник на РМ бр. 37/96, 80/99, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/09

19 Службен весник на РМ бр. 15/97, 44/2002, 74/2004 и 83/2008, 67/09

20 Службен весник на РМ бр. 52/91, 1/92, 31/98, 91/01, 84/03, 107/05, 3/09

21 Службен весник на РМ бр. 15/97, 44/02, 74/04, 83/08, 67/09

22 Службен весник на РМ бр. 15/97, 44/02, 74/04, 83/08, 67/09

23 Службен весник на РМ бр. 87/07, 103/08, 161/08

© 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE
Copyright 2011. Joomla 1.7 templates. © 2011 healthrights.mk. All Rights Reserved. ESE