Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Промоција на публикацијата „Колку чини неплатената работа за нега на возрасни лица кои не се способни самостојно да ги извршуваат основните животни потреби во домаќинствата“


Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ ги промовираше наодите и препораките од анализата со наслов „Колку чини неплатената работа за нега на возрасни лица кои не се способни самостојно да ги извршуваат основните животни потреби во домаќинствата“.

Анализата се базира на наодите од спроведеното пилот истражување во 19 ромски домаќинства што обезбедуваат нега на возрасни лица со сериозни хронични заболувања, лица со инвалидитет или стари лица.

Препораките од анализата се во насока за унапредување на состојбата на домаќинствата кои обезбедуваат нега на возрасни лица, како и унапредување на квалитетот на негата, а со тоа и на состојбата на лицата на кои им се обезбедува негата. Поради тоа од страна на Владата го бараме следното:

  • да го зголеми износот на паричниот надоместок за помош и нега од друго лице, најмалку до износот на минималната месечна нето‑плата исплатена во Македонија, со цел да го намали товарот што го создава работата поврзана со негата на полнолетни лица врз членовите на семејството, пред сѐ врз жените.
  • да воведе служби за обезбедување нега во домашни услови за лицата што не се способни самостојно да ги извршуваат основните животни потреби, како резултат на хронична прогресивна болест, инвалидитет или старост.
  • да обезбеди структурирани форми на едукација за лицата што даваат неплатена нега во домаќинствата.

Предложените мерки се засноваат на клучните наоди од анализата:

  • Во просек, примарните даватели на нега обезбедуваат нега пет часа во текот на едно деноноќие (24 часа) или речиси 37 часа неделно, што е речиси подеднакво со работните часови на вработените лица со полно работно време (40 часа неделно).
  • примарните даватели на нега, за обезбедување на негата, посветуваат 22 % од времето во текот на 24 часа и се посветени на давање нега целиот ден и во текот на ноќта
  • Неплатената работа за нега во домаќинствата е клучна, бидејќи го надоместува недостигот од капацитети за долгорочна нега во здравствениот систем.  Вкупниот број болнички постели во одделите за нега и во домовите за стари лица во 2013 година во Македонија изнесувал 930 или 44,8 на 100 000 население. Поголемиот дел од овие постели (534 постели) се во приватни установи, кои поради цената на чинење не се достапни за голем дел од населението.
  • Проценетата вредност на работата на неплатена нега во домаќинствата од страна на еден примарен давател на нега изнесува 262.947,00 денари на годишно ниво или 21.912,00 денари месечно.
  • Цената на чинење за сместување на лице во јавна установа за долготрајна нега, изнесува  околу 15 000 денари месечно, а во приватните установи на месечно ниво започнуваат од 22 000 денари и се движат нагоре.
  • Во просек домаќинството троши 3.563,00 денари месечно за трошоци поврзани со негата на лицето.
  • Обезбедувањето нега негативно влијае врз можноста на примарните даватели на нега да работат и финансиски да придонесуваат во домаќинството.
  • Обезбедувањето неплатена нега претставува прашање поврзано со родовата еднаквост, бидејќи повеќе ги засега жените, како примарни даватели на нега и со тоа влијае врз нивната можност да работат и да стекнат финансиска независност, меѓутоа исто така влијае и врз нивната можност да се вклучат во општествениот живот и во другите активности во заедницата.
  • Само половина од примарните даватели на нега добиле информации поврзани со негата на лицето од формални извори. Главен извори на информации е медицинскиот персонал од здравствената установа каде што лицето се лекува
  • Во однос на времето што го посветуваат на негата, постои минимална разлика помеѓу давателите на нега што примаат надоместок за помош и нега од друго лице за разлика од давателите на нега што не примаат надоместок, што укажува на фактот дека постојат многу лица на кои им е потребен ваков вид надоместок, меѓутоа не го добиваат истиот.

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар