Здружение ЕСЕ

ЕСЕ

   Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените.

 

 

 

Македонија нема прогрес во реализацијата на социјалните, економските и културните права

Комитетот на ОН за економски, социјални и културни права (низ текстот само Комитетот) по разгледувањето на периодичниот извештај на Македонија ги објави Завршните согледувања. Во овој документ Комитетот и дава триесетина конкретни препораки на Македонија како да ги оствари обврските од ратификуваниот Пакт за економски, социјални и културни права. Се споменуваат повеќе подрачја и проблеми за кои треба да се преземат мерки: пописот на населението, Народниот правобранител, корупцијата и недискриминацијата. Не се изоставени барателите на азил и бегалците, бесплатната правна помош, сексуалното и репродуктивно здравје, Ромите, ЛГБТИ лицата, употребата на дроги, еднаквоста помеѓу мажите и жените, правото на социјална заштита, пристапот до заштита на жртвите на  семејно насилство. Се посветува внимание на проблемите со сиромаштија, минималната плата, домувањето, исхраната, правото на штрајк, невработеноста и правото на образование. Исто така, Комитетот е загрижен што не постојат докази за примена на Пактот во судската пракса, и бара од државата да ја информира јавноста за препораките од 2016 година.

Комитетот ѝ препорача на Република Македонија да ги вклучи сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за заштита од дискриминација во Законот за спречување и заштита од дискриминација. За прв пат, Комитетот наметнува обврска државата да им овозможи на истополовите парови пристап до привилегиите кои се резервирани за венчаните парови. Со цел елиминирање на стереотипите и стигматизацијата кон ЛГБТИ лицата, државата има обврска да спроведе ефикасна истрага за разрешување на случаите на насилство против ЛГБТИ луѓето.

Комитетот, понатаму, препорачува државата да ги подобри животните услови во транзитните центри за бегалците, да престане незаконската ретроактивна примена на Законот за социјална заштита и незаконското укинување на правото на социјална парична помош и да ги преземе сите потребни мерки за спречување на сегрегација на децата Роми во образовниот систем.

Во делот на сексуалното и репродуктивното здравје, како и Комитетот за човекови права во 2015 годината, Комитетот повторно посочува дека во земјата нема соодветен пристап гинеколошки услуги и до модерна контрацепција и дека Законот за прекинување на бременоста од 2013 е проблематичен. Комитетот, исто така, бележи дека Македонија во училиштата има несоодветно и застарено сексуално образование. Затоа, препорачува земјата да ги преземе сите неопходни мерки за да го унапреди образованието за сексуално и репродуктивно здравје во училиштата, за да биде релевантно, соодветно на возраста и засновано на човекови права, да осигури дека модерната контрацепција е достапна до сите, вклучувајќи додавање на модерна контрацепција на позитивната листата на лекови покриена од Фондот за здравствено осигурување. Исто така, ѝ препорачува на државата да ги ревидира рестриктивните одредби од Законот за прекинување на бременоста од 2013 година.

Понатаму, се бара државата да овозможи примарните здравствени услуги да им бидат достапни и пристапни на сите, без оглед на географската местоположба, вклучително и преку насочување на доволни средства во здравствените услуги, обезбедување на доволен број на медицински стручни лица, како и проширување на опфатот и помошта од Фондот за здравствено осигурување. Комитетот ја повикува Државата веднаш да и стави крај на праксата на незаконита наплата на надоместоци и да следи дали приватните даватели на здравствени услуги ги почитуваат договорите за извршување здравствени услуги.

Комитетот е загрижен за неефективната имплементација на здравствените политики наменети за Роми, како и за структурната дискриминација со која тие се соочуваат. Комитетот укажа и на сериозното и недоволно финансирање во јавниот здравствен сектор што доведува до лимитиран пристап до здравствени услуги за маргинализираните групи, а посебно Ромите. Оттука и препорача на државата да преземе мерки со кои ќе ја искорени структурната дискриминација, ќе обезбеди ефективна имплементација на здравствените политики наменети за Роми и притоа да обезбеди релевантни статистички податоци  според етничка припадност, како и механизми за следење на ефектите од здравствените политики.

Комитетот ѝ препорачува на државата да ги преземе сите неопходни мерки за зголемување на бројот на гинеколозите и за овозможување пристап до гинеколошки здравствени услуги на сите жени во нивите општини, а особено го споменува и посочува Шуто Оризари.

Во врска со зголемениот број на деца кои употребуваат дроги, Комитетот ѝ препорачува на државата да преземе ефикасни мерки за да ја намали употребата на дроги. Комитетот изразува загриженост за непостоење на јасна стратегија на државата за финансирање на програмите за намалување на штети и превенција по завршувањето на поддршката од страна на Глобалниот фонд најдоцна до крајот на 2016 година и препорачува државата да обезбеди финансиска одржливост на овие програми. Државата, исто така има обврска да ги ревидира рестриктивните одредби воведени со измените на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции со кои се предвидува кривична санкција за поседување на коноп за лична употреба.

Во однос на семејното насилство, Комитетот и препорача на државата да обезбеди неодложна примена на Законот за семејно насилство, ефикасна истрага и казнување на сторителите на насилство, како и обезбедување на ефикасна заштита помош и поддршка на жртвите, вклучувајќи  обезбедување на финансиски средства за правна помош и застапување.

Имајќи ги предвид овие сериозни забелешки, бараме Владата на Република Македонија препораките на Комитетот да ги претстави пред јавноста на национално и локално ниво, посебно помеѓу парламентарците, јавните службеници, судската власт и да преземе итни мерки за спроведување на препораките за остварување на социјалните, економските и културните права на граѓаните.

                                                                                                                             1 јули 2016 година, Скопје

Завршните согледувања на англиски јазик се достапни на: http://tbinternet.ohchr.org/_layouts/treatybodyexternal/Download.aspx?symbolno=E/C.12/MKD/CO/2-4&Lang=En

 

 

Фискална Транспарентност

Човекови права во здравствена заштита

Семејно насилство 

Центар за правна помош

Здравствен информативен центар